Посольство України в Республіці Північна Македонія

Київ 20:23

Інтерв’ю Посла України в Македонії Наталії Задорожнюк щодо агресії Російської Федерації в Азовському морі, незаконній анексії Криму, тимчасовій окупації ОРДЛО та перспектив українсько-македонського співробітництва.

30 листопада 2018, 17:44

Настаните во Украина повторно ја разбрануваа светската јавност. Прогласувањето на воена состојба од страна на властите во Киев е главен мотив за нашето интервју со амбасадорката на Украина во Република Македонија, Наталија Задорожњук.

разговара: Љупчо ЗЛАТЕВ

Засиленото медиумско присуство на руската пропаганда за конфликтот во Украина, претставува сериозен проблем за медиумите во Република Македонија. Дури и оние кои се најгорди во соопштувањето дека се „прозападни“, потфрлуваат во објективното известување за настаните во овој конфликт и несакајќи влегуваат во руската пропагандна мрежа.

Влијанието на руската пропаганда на светско ниво, очигледно се отсликува и во Македонија, па токму затоа „Економски Лидер“ носи храбра одлука да го прифати предизвикот на јавноста во Македонија да и ја прикаже вистината на другата страна, страната на Република Украина. Кога човек подлабински ќе ги погледне работите, неминовно е да сфати дека Украина и Македонија ја делат истата несреќа: Да бидат уценети од помоќните соседи.

Гопоѓата Задорожњук е цврто поврзана со Македонија. Пред да стане амбасадор овде, таа работела како дипломат во земјава. Вели дека Македонија и Украина се на некој начин космички поврзани, во комплексонста на својата историја, но и во цврстата определба за Евроатлански интеграции.

Во интервјуто за „Лидер“, таа ги објаснува последните случувања во Азовското Море, но, говори за руското мешање во Македонија и јасно констатира „Ниту  Украина, ниту Македонија не го прифаќаат и нема да го прифатат наметнуваното на сценариото на Руската Федерација“

Интервјуто со амбасадорката Наталија Задорожњук, ви го пренесуваме во целост.

Вашата земја се соочува со нова безбедносна криза. Парламентот прогласи воена состојба поради агресијата која Руската Федерација ја изврши со нападот на 3 украински бродови во „Керченскиот Теснец“. Русите тврдат дека Република Украина провоцира со упад во руски води, но демократскиот свет ја осуди агресијата на Кремељ. Која е објективната вистина за оваа случка?

Ајде јасно да ги поставиме акцентите. Вистински се само две основни причини, зошто се случи таа срамна ситуација. Прв и главен – незаконитата анексија на Крим од Руската Федерација и вториот – незаконитата изградба на Керченскиот мост од Руската Федерација. Анексијата на Крим не ја признава ниту Украина, ниту меѓународната заедница. Но, за Русија меѓународното право не постои, тоа за неа е само за тоа да брутално го прекршува, што таа го покажува не само во Украина, туку и во целиот свет. Таму кадешто Русија – таму има војна и човечки жртви – Грузија, Украина, Сирија… Звучат многу лицемерно од устата на официјалните преставници на Руската Федерација повиците за придржување кон нормите на меѓународното право, за потребата да се дејствува во правното поле особено и тука, во Македонија, во тоа време додека самата Русија него брутално го крши.

Заострувањето на ситуација во Азовското Море почна во мај 2018 година, кога морските граничари на Федерална служба за безбедност (ФСБ) на Руската Федерација почнаа да ги задржуваат трговските бродови на разните земји, што одеа во пристаништата на Мариупољ и Бердјанск и назад. Задржувањата се случуваа во отворено море и во реонот на Керченскиот теснец. На крајот од јуни не им беше доволно да ги задржуваат бродовите сред морето. И од 25—27 јуни тие почнаа да го запираат за проверка секој брод без исклучок во Керченскиот теснец. Работата е во тоа, што Керченскиот теснец – тоа е еднонасочна улица. На пример, отпрвин поминува караван од приближно 20 бродови од јужниот дел на теснецот во северниот — во Азовското Море, тоа одзема 2—3 часа. А потоа оди спротивниот караван, и така тоа работи — во бродскиот режим. Затоа, во октомври просечното време на чекање на влезот во Азовското Море изнесуваше три дена, а на излезот — четири. Но, одделни бродови беа задржувани уште подолго. Рекорд беше кога канадски брод задржаа на излезот во Црното Море скоро 13 дена.

Според сите определувања на ООН, сличните дејствија се толкуваат како «агресија». Во определувањата на ООН има повеќе од дваесетина знаци на «агресија», меѓу другото и блокадата на пристаништата, која се случува во Азовското Море.

Освен тоа, од мај Русија остро го засилува своето воено присуство во Азовското Море. Во моментов Русија има во Азовското Море само гранична флота од близу сто единици. Од нив 36 вооружени моторни чамци и бродови, од кои 24 имаат артилериско вооружување.

Почна за тоа да пишува украинскиот и странскиот печат. За тоа дека има закана од морето, за тоа дека економската блокада на Мариупољ и на Бердјанск може да биде подготовка за инвазија. Затоа во септември ВМС на Украина префрлија таму по копнен пат два мали артилериски оклопни чамци. И тие веднаш ја покажаа својата ефикасност. Бројот на задржувањата на бродовите во морето од граничарите на ФСБ се намали: се поради тоа, што овие два украински чамци почнаа да ги придружуваат трговските бродови кои одеа од Мариупољ и Бердјанск до Керченскиот теснец.

Овој пат  на 25 ноември Русите ставија под Керченскиот мост стар брод од поправка, и со сите тие маневри и удари покажаа дека нема да ги пуштат чамците на ВМС на Украина. Украинските чамци се свртеа и заминаа назад во Одеса. И тука, очигледно беше команда да не се пушта, затоа што нив ги нападнаа веќе на враќање во мрак. Односно нападот не се случи во Керченскиот теснец и не во 12-милји зона [територијалните води на Украина], туку во меѓународните води.

Блокирајќи го теснецот и не допуштајќи го преминот на украинските бродови, тие грубо го прекршија членот два од украинско-рускиот Договор за заедничко користење на Азовското Море, во кој се вели дека воените бродови на двете земји [Украина и Русија] имаат право на слободен премин во Керченскиот теснец. При тоа тие исто така покажаа дека го кршат не само договорот, туку и меѓународните конвенции за пловење по море. А примената на сила против украинските бродови — тоа е отежнувачка околност.

Дејствијата на Русите беа толку противзаконски, што Украина недвосмислено и веднаш ја поддржа сета меѓународна демократска заедница, вклучително и пријателската Република Македонија.

Украина важи за голем сојузник на Република Македонија. Во конфликтот кој се случи кај нас во 2001 година, Украина беше единствена држава која и пружи воена помош на Македонија. Зошто и покрај традиционално блиските односи, во македонските медиуми има малку простор за украинските позиции во конфликтот со Русија?

За жал, треба да се констатира таквата постоечка тенденција во медиумскиот простор на Македонија: покривањето на руската воена агресија во Украина, нелегалната анексија на Крим, ситуацијата околу давањето на афтокефалност на Украинската Православна Црква и др. од македонските медиуми се реализира врз основа на соопштенијата од руските мас-медимуми, кои се гласноговорници на официјалниот Кремљ и вршат силна кампања за дезинформации во сиот свет, меѓу другото и во Македонија. Медиумите едноставно ги препечатуваат соопштенијата на руските масовни медиуми, непроверувајќи ја информацијата ни преку украинските или меѓународните извори. А ние знаеме како работи руската пропагандистичка машина, особено и српскиот оддел на рускиот “Спутник”, од кој исто така земаат “правилна” информација некои претставници на македонските медиуми.

Освен тоа, остро се засили во последно време присуството на Русија во делот на онлајн медиумите и социјалните мрежи на Македонија.

Ние, се разбира, немаме такви силни инструменти, такво финансиско обезбедување. Украина се наоѓа во состојба на војна со Русија, а тоа изискува огромни човечки и финансиски ресурси.

Изтовремено, ние се обидуваме да пренесеме објективна информација на нашите македонски пријатели за сите важни за нас прашања. Година дена сум во Македонија. Од почетокот на мојата мисија од ноември 2017 година и до денес имам околу 12 интервјуа, статии и публикации во печатените и електронските мас-медиуми на Македонија (“Слободен печат”, “+Info”, “Нова Македонија”, МКД, “Македонско сонце” итн.) Особено, дадов детално интервју, посветено на 28-годишнината на независноста на Украина за ситуацијата во Украина и сиот спектар на билатералните односи https://www.youtube.com/watch?v=hsM0LG8InDU, подготвив статија, посветена на Украинската Црква https://plusinfo.mk/како-може-мајката-да-биде-многу-помлад/, ги запознав граѓаните на Македонија со страшната трагедија, која се случи во Украина во 1932-1933 год. – вештачкиот Помор од глад, геноцидот на украинската нација https://plusinfo.mk/%D1%81%D0%B5%D1%9C%D0%B0%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D0%BF%D0%BE%D0%BC%D0%BE%D1%80%D0%BE%D1%82-%D0%BE%D0%B4-%D0%B3%D0%BB%D0%B0%D0%B4-1932-1933-%D0%B2%D0%BE-%D1%83%D0%BA%D1%80%D0%B0%D0%B8/.

Освен тоа, треба да се истакне дека Амбасадата оперативно реагира на потребата од моменталното пренесување на вистинската информација. Како на пример, неодамнешната ситуација со вооружениот напад и задржувањето на украинските бродови во Азовското Море. Амбасадата моментално го распространи соопштението за печат за ситуацијата и македонските медиуми оперативно се одѕваа и ја распространија информацијата на Амбасадата. Би сакала да ја искористам можноста и да се заблагодарам на печатените и електронските изданија, и особено на “Лидер” за известување на објективната ситуација.

Освен во медиумската сфера, ние ги интензивиравме своите напори во сферата на јавната дипломатија. Одржуваме настани, посветени на важните датуми од украинската историја, го запознаваме македонското општество со настаните во Украина.

Ја користам оваа можност, ги поканувам претставниците на медиумите на Македонија да се обраќаат до Амбасадата со цел на добивање на информација од прва рака, затоа што борбата продолжува и активноста на руските и проруските пропагандисти во Македонија и понатаму ќе се држи на високо ниво.

Само поради тоа што вашата земја се приближи кон НАТО и ЕУ, Русија го анектираше Крим и веќе со години ги помага сепаратистите во Источна Украина. Од друга страна пак, многумина велат дека на Република Македонија ќе и се случи слично сценарио доколку не влезе во НАТО. За време на обоената револуција од 2016 години, проруските слили во велеа дека се работи за „Украинско Сценарио“. Во исто време, политичките кризи во двете земји траат веќе со години. Дали може да се констатира дека Македонија и Украина се колатерална штета на пресметките помеѓу големите сили?

Можеби не сите во Македонија знаат дека Украинската револуција 2013-2014 година, Револуцијата на Достоинството, како ние ја нарекуваме, почна по тоа кога некогашниот Претседател на Украина Виктор Јанукович под притисок на Кремљ откажа да ја потпише Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, со истото го запре патот на Украина во Европа. Но, Украинците кои во текот на сета своја историја покажуваат стремеж за слобода, решителност самите да одлучуваат за својата судбина и да го изберат својот сопствен пат, ја отпочнаа херојската борба за Европска Украина. Милиони луѓе излегоа на Мајдан. Јас, исто така со целото мое семејство и пријателите бев на Мајдан. Тоа беше нешто неверојатно, некоја неземска енергија. Милиони луѓе скандираа “Европа!”, Украина беше единствена во стремежот за слобода и движење кон Европа, да ја промени својата земја.

Уверена сум дека и во Македонија во 2016 година луѓето излегоа на улиците со цел да го променат животот на подобро, со цел да живеат и работат во европска демократска држава, каде владее силата на правото и правните закони работат во однос на апсолутно сите, без исклучок. Излегоа исто така за да ја променат економската ситуација, за реформи во општеството, за да обезбедат слобода на медиумите, да обезбедат подобра иднина за себе и своите деца. Убедена сум дека сето тоа беше искрено.

Истовремено, по тоа, откако Украина одлучи да оди по својот пат, различен од Руската Федерација, Русија брутално го прекрши меѓународното право – незаконски го анектира Крим и изврши воена агресија во одделни реони на Донецката и на Луганската област само со една цел – да го запре нашиот пат кон ЕУ и НАТО. Како последица – тешка војна, 10 илјади мртви Украинци, 2 милиони насилно раселени луѓе, колосални економски загуби. Само како последица на привремената окупација на Крим и делот Донбас Русија и нанесе загуби на Украина около 100 милијарди евра без да се зема предвид територијалните загуби и приватната сопственост, а како последица од инвазијата на Русија на Донбас, Украина загуби 20% од индустријата на земјата.

Но дури во овие сложени услови ни успевме да покажеме успеси во економската сфера. На пример, во 2016 година економијата на Украина порасна за 2,3%, 2017 – 2,5%, првите 6 месеца на 2018 – 3%. Во 2018 година ММФ прогнозира раст на БДП за 3,2%.

Дали може да се констатира дека Македонија и Украина се колатерална штета на пресметките помеѓу големите сили?

Уверена сум дека не. Ние, како и Вие, ние секако во многу поголема мера, сме под удар на Руската Федерација, која тежнее да го диктира својот развој на настаните, наметнувајќи ги своите одлуки на другите земји. Но, ниту Украина, ниту Македонија не го прифаќаат и нема да го прифатат наметнуваното од Руската Федерација сценарио. Дефинитивно и неповратно, две пријателски земји ги дефинираа своите стратешки приоритети – ЕУ и НАТО. Нашите заеднички стратешки партнери –  САД и земјите на ЕУ и НАТО.

Со Путин не може да се договара. Единственото што и останува на меѓународната заедница е да ги ограничи дејствијата на рускиот претседател, не дозволувајќи му да продолжи да прави зло. Како диктатор, Путин го разбира само јазикот на силата и, за среќа на дипломатијата, покажувањето на сила не мора да значи само отворена агресија. Тактиките што САД ги користеше против Советскиот Сојуз за време на Студената војна е токму она што ни треба сега. Санкциите треба да се заjакнат.

Путин верува дека ја оживува “Големата империја”, трудејќи се другите земји да стравуваат. Примитивен, див поглед на нештата, посебно во 21 век. Стратегијата на сегашната Руска Федерација е токму тоа – бруталното прекршување на меѓународното право, војни, мешање во внатрешните работи на другите земји, саjбер, хибридни воjни. Звучи многу лицемерно, кога Руската Федерација повикува другите да се придржуваат на меѓународното право и да делуваат во меѓународното поле. Истовремено самата Руската Федерациjа брутално го прекршува.

Мора да се бориме. Нашиот генијален поет Т. Шевченко рекол «Борете се – ќе победите!»

Во вашата биографија стои дека вие потекнувате од Доњецк. Таму во моментов има територии кои се под контрола на руските сеператисти. Како се живее во овие области и се гледа ли крајот на конфликтот таму?

Со привремената окупација на руските војски и нејзините сателити терористичките организации на таканаречените ДНР и ЛНР на одделни реони на Донецката и на Луганската област, Украина загуби:

  • 15% од БДП;
  • 25% од индустријата;
  • 23% од извозот на стоки;
  • 100 од 150 украински рудници се најдоа на окупираната територија, создавајќи тешкотии со снабдувањето со антрацит;
  • Активите на банките $4,3 милијарди;
  • Активите на железницата и друго.

Сета полна одговорност за човечките жртви, уништените живеалишта, индустриските објекти и критичната инфраструктура ја носат руските хибридни војски.

Сите нелегални формации, кои делуваат на привремено окупираните територии на Донецката и на Луганската област се создадени, опремени и раководени од Москва, а нивната кадровска структура значително содржи «руска компонента», особено на командното ниво. 1 и 2 «армиски корпуси», распоредени на привремено окупираните територии на Донецката и на Луганската област, целосно се вклучени во единствениот систем на управување и контрола на Вооружениоте Сили на Руската Федерација.

Нелегитимните псевдоструктури на цивилната управа се органи на руската окупаторска администрација и создадени од Руската Федерација со единствена цел – да ја прикријат својата улога во разгорувањето на конфликтот во Донбас. Тие се наоѓаат на целосно издржување од Руската Федерација, а нивната дејност се раководи од Кремљ и безбедносните структури на Руската Федерација.

Економската деградација на регионот ја засилува насочената дејност на Руската Федерација на демонтирање и извезување на руска територија на стратешките претпријатија и претпријатија со висока технологија на Донбас. Од почетокот на агресијата на Донбас Русија опљачка на таков начин повеќе од 40 украински претпријатија. Меѓу нив – Јасинуватската фабрика за машиноградба, Лутугинскиот научно-производен комбинат за ваљаци, Луганската авијациска фабрика за поправка, АД «Топаз», Луганската фабрика за цевководна арматура «Маршал», Луганската електромашиноградбаена фабрика, Луганската фабрика «Машзавод-100», машиноградбена фабрика «Точмаш», Харцизската фабрика за цевки. Овие дејствија на окупаторот ги поставаат жителите на регионот без работа.

Од почетокот на конфликтот на Донбас украинската страна беше определена за најбрзо стопирање на неговата фаза на сила со цел на зачувување на животот на месното население и инфраструктурата.

Украина прави клучни чекори како за задоволување на хуманитарните потреби, така и за одржување на врски со населението кое е принудено да остане на окупираните територии. Владата на Украина максимално го поедностави начинот на преминување на хуманитарните товари во окупираните територии, се однесува на лекови, производи, градежни материјали и реагенси за прочистување на водата. Сепак окупаторските администрации на Руската Федерација доста често специјално ги попречуваат хуманитарните товари. Покрај тоа, окупаторските администрации воведоа додатни ограничувања за увезување на прехранбени производи од граѓаните што се на територија која е под контрола на владата на Украина.

Во тек е работа на реставрација и опремување на контролните пунктови за влез-излез.

Украина ги обновува оштетените водоводи, обезбедува пристап за хуманитарните товари и мисии на привремено окупираните територии, ја поддржува работата на претпријатијата, што вршат снабдување на вода на двете страни од линијата на разграничување во Донецката и Луганската области.

Главната работа денес е да се обезбеди контрола на украинско-руската граница.

Делот од украинско-руската граница не се контролира од украинската власт. И преку границата постојано от Руската Федерација се врши испорака на опрема, гориво и оружје.

Ние сакаме да имаме на привремено окупираната територија миротворни војски под покровителство на ООН, кои би биле лоцирани на сета неконтролирана од Украина денес територија, вклучително и на границата со Русија. Ако ние ја затвориме границата, Русија не ќе има можност да се меша, ситуацијата ќе се нормализира.

Но, Русија тоа не го сака. Нејзе и е потребна ситуација, поради која Украина не би можела да се приближува до ЕУ и НАТО, таа не сака да ја изгуби Украина. И поради тоа е оваа војна, силна хибридна информативна војна против Украина, како во самата Украина, така и во светот. Фејк, лажни соопштенија.

Неколку државјани на Република Македонија веќе со години војуваат на страната на сепаратистите во Доњецк. Некои велат дека се работи за луѓе кои се таму поради идологија, но постојат и тврдење дека се работи за платеници. Има ли комуникација со македонските власти во однос на ова прашање?

Во моментов немаме податоци за учество на граѓани на Република Македонија во незаконските воени формации на таканаречените ЛНР, ДНР, а исто така другите терористички организации.

За време на бројните средби со раководството на Македонија и лидерите на релевантните безбедносни структури, повеќепати ја нагласував кривичната одговорност во согласност со важечкото законодавство на Украина на странските државјани за учество во нелегалните воени формации и другите терористички организации.

Соодветно, користејќи ја оваа можност сакам да истакнам уште еднаш дека државјаните на странските држави за учество во нелегалните воени формации и другите терористички организации се гонат согласно со важечкото законодавство на Украина. Во зависност од степенот на починето од нив дејствие во рамките на дадениот злостор предвиден е затвор од 5 години.

Во изминатите две години Македонија се обидува преку меѓудржавни договори да ги реши долготрајните проблеми со своите помоќни соседи. Но, се чини дека тоа оди на директна штета на националните интереси на земјата, па граѓаните се незадоволни и протестираат. Која е вашата оценка, дали договорот со Грција е добар начин да се избегне целосна дестабилизација на Република Македонија, каква што впрочем гледаме во Украина?

Јас, не можам да давам оценка за внатрешно-политичките процеси во пријателската Република Македонија. Луѓето самите ќе одлучуваат за иднината на својата држава.

Само сакам да ви дадам пример со нас, со Украина.

Во 1991 година, ние прогласивме независност, и како нашите најблиски соседи, поранешните социјалистички земји –Чешка, Словачка, Полска и Унгарија би можеле да станеме членка на НАТО и Европската Унија. Зошто ова не се случи?

Што се однесува до мене, постојат две главни причини. Првата е дека имаме сосед како Русија, за која Украина е исклучително важна од сите гледни точки.

Но, има и втора причина – ние самите, нашите одлуки. Ние мора да бидеме порешителни, посмели, да превземаме тешки, понекогаш болни одлуки.

Нашата многовекторна, повеќенасочна надворешната политика на Украина доведе до фактот дека Украина беше стисната меѓу ЕУ и Русија и ние загубивме можност да се интегрираме во ЕУ и НАТО, како што веќе одамна тоа го направиле нашите соседи.

Ние имавме свои  «прозорци на можности» – во 2004, на крајот на 2013 год. Но, тие не беа искористени. Ајде да го земеме последниот прозорец на можност – во 2013 година, кога ЕУ многу и помагаше на Украина, сакаше Украина да jа потпише Спогодбата за асоцијациjа. Но тогашната власт, предводена од претседателот Јанукович, во последен момент под притисок од Москва, го одби.

Европската Униjа засега е наjдобрата политичка и економска униjа, а НАТО е наjдобрата воено-политичка униjа. ЕУ И НАТО тоа е безбедност и развоj на економиjа.

Ви посакуваме да не се затвори прозорецот на можности за европската иднината на Македонија.

Каква е соработката на Република Македонија и Република Украина. Во кои области имаме најголема соработка?

Украина зазема важно место во хиерархијата на надворешно-економските партнери на РМ. Според податоците на Државната служба за статистика на Украина во 2017 год. вкупниот обем на трговијата со стоки и услуги меѓу Украина и Македонија се зголеми во однос на соодветниот период од 2016 год. за 16,4%.

Најголемиот дел од украинскиот извоз во Македонија во тековната година го сочинуваа црните метали (25,4%), папир и картон (16,5%), семе и плодови на маслодајни растенија – (повеќе од 10%). Меѓу увозот на македонските стоки во Украина четвртина сочинуваа зеленчук, другата четвртина тутунот, фармацевтските производи (22,0%), електрични машини (18,3%) и т.н.

Важна насока во продлабочување на економската соработка е учеството на украинските претпријатија во големите инфраструктурни проекти во Македонија. Имаме позитивно искуство од таквата соработка – во текот на 2012 год. беше реализирано проектирање на 160 км од магистралниот гасовод како резултат на победа на ПАД «Укргазпроект» на меѓународниот тендер. Овој проект ја потврди конкурентната способност на украинското производство на услуги на македонскиот пазар според параметрите «цена-квалитет». Во моментов најперспективни за Украина ги сметаме следните насоки, како учество во проектите за гасификација на најголемите градови на Македонија, снабдување со енергетска опрема за користење на обновливи извори на енергија, а исто така за остварување на проектни и градежни работи за изградба на хидроелектроцентрали, автопати, гасоводи, системи за водоснабдување и одводнување.

Од спротивната страна гледаме активна и извонредно квалификувана работа на македонското претпријатие «Гранит», кое се вклучува во проектите за изградба на мостови, надвозници и сообраќајни крстосници во Украина.

Сето погоренаброено зборува за големиот потенцијал на економскиот дијалог и мотивира за ангажирање на неискористените можности и ресурси.

По овој клуч треба да се разгледува работата за внесување на измени во постоечката Спогодба за слободна трговија меѓу Украина и Мкаедонија. Го гледаме потенцијалот за зголемување на показателите за извозот на земјоделското производство од Македонија во Украина. Затоа сега активно работиме над целосното симнување на ограничувањата со квоти, што ќе дозволи на Македонија веќе во најблиска перспектива да ги зголеми показателите за извоз на земјоделско производство, особено на зеленчук и овошје во Украина.

Промените во Спогодбата за слободна трговија ќе дадат нов импулс на продлабочување на трговските врски меѓу нашите земји.

Сметам дека е многу битно да се оствари регионалната соработка. За моето време воспоставени се побратимски врски со градовите Гевгелија (Македонија) и Ужгород (Украина), Крива Паланка (Македонија) и Перечин (Украина), Виница (Македонија) и Винница (Украина), Кратово (Македонија) и Коломија (Украина). Се случуваат посети и размена на делегации меѓу регионите.

Украински јазик и книжевност се предаваат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Се одвива соработката меѓу Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” и Националната библиотека на Украина „Јарослав Мудриј”, се врши трансфер на литература за фондовите на установите.

Ова лето украинската представители учествоваа во Охридскиот меѓународен фестивал.

Наскоро македонската јавност ќе има можност да се запознае со современи дела на украинските поети и писатели во превод на македонски јазик.

Се реализират и други настани во културната сфера.

Вие сте дипломат со долго искуство, долги години сте дел од МНР на Украина. Од 2017 сте Амбасадор во Република Македонија. Кои се вашите впечатоци од претстојот овде?

Македонија зазема посебно место во моето срце. Ова е мое второ службено патување во Македонија. Во првиот мандат во 2004 -2008 год., јас, работев како Заменик на Амбасадорот. И веќе тогаш сфатив дека Македонија мене така едноставно нема да ме пушти.

Затоа, на Вашето прашање можам да одговорам дека за мене Македонија е исклучително блиска земја, каде се чувствувам како во родната Украина, и затоа многу искрено се стремам максимално да ги интензивирам врските меѓу Македонија и Украина.

Знаете, се почесто се фаќам на мислата дека судбините на Украина и Македонија некаде «космички» се поврзани. Ние сме вонредно блиски не само во јазикот, културата, менталитетот, туку и во текот на настаните.

Нашата историја – тоа е историја на борбата за независност на нашите земји. Дури современата историја: ние скоро истовремено ја прогласивме независноста, народот на Македонија, како и украинскиот народ решително ги поддржа демократските промени, јасна и неповратна ориентација кон ЕУ и НАТО. Тоа не е лесен пат, но ние знаеме дека треба да го поминеме. И на тој пат ние имаме заеднички цели и задачи.

Гледате ли сила во двата народи за нашите држави да излезат од овие веќе исцрпувачки и долготрајни турбуленции?

Историјата на Украинците – тоа е скоро илјадагодишната борба за независност. Тоа се бројните војни, угнетување, забрана на украинскиот јазик, забрана на украинската црква, тоа е страшниот вештачки Помор од глад (близу 10 милиони умрени од глад). Но, ние преживеавме. Ние стануваме посилни. Ние создадовме силна армиjа. Сега создаваме супермодерна воена техника. Имаме уникатно борбено искуство. Ние годишно трошиме 5% БДП – повеќе отолку некои членки на НАТО. Во моментов украинската армија зазема 8-мо место во Европа. Ние ја вративме историската праведност – ја вративме Украинската независна помесна црква. И покрај сериозните пречки, преживеавме и се движиме напред.

Македонија исто има сложена историја.

И сега Македонија, како и Украина се наоѓаат во вонредно важен период на кардинални промени. Очекувањата на нашите општества се много високи. Затоа и одговорноста на денешните влади во Украина и Македонија е висока. Главно е да не се изгуби довербата на општествата.

Но за да имаме резултат, треба сите да вложиме напори. Не само да декларираме желбата за влез во ЕУ и НАТО, туку и да реализираме конкретни чекори, понекогаш болни, тежки, непопуларни. Нешто важно не се постигнува лесно. Затоа треба да се реализираат потребните реформи. Ние сакаме во тој “елитен клуб”, значи ние треба да играме според правилата на тој клуб, да одговараме на неговите стандарди.

И ако не така брзо, како што ние би посакувале, но процесите се движат, неопходните промени се случуваат. И на тој пат, имајќи заеднички цели и предизвици, ние исто така имаме можност да го размениме икутвото, да си помагаме за да не ги повторуваме грешките.