На „Мајдан“ стоеше народот, и демократи и националисти, и леви и десни и либерали. Нив ги обедини тоа што не може да го прифатат режимот на некогашниот претседател Јанукович. Немаше вооружен удар, се состави ново парламентарно мнозинство, а новата влада ја утврди парламентот, истакнува Гончарук
Амбасадоре, слушаме многу различни и противречни информации за тоа што се случува на територијата на Украина. Kакви се Вашите информации од теренот?
- Ново-старо, ескалацијата продолжува, продолжува блокадата на украинските воени единици, а се зголемува бројот на руската војска на Kрим. Можат да влезат американски воени бродови во Црно Море, како и носачот на авиони „Џорџ Буш“. Вчера беше назначен новиот командант на украинската флота, контрадмирал Хајдук. Од друга страна, завчера Чуркин, постојаниот претставник во ОН, изјави дека Русија ги прекинува сите политички контакти со Украина. Знаеме дека на Kрим треба да се одржи референдумот, но Украина привремено го блокира пристапот до регистарот на избирачите.
Во врска со референдумот, Украина изјавува дека е таа суверена, независна целосна, со територијален интегритет и секое мешање во внатрешните работи е недозволиво. Автономна Република Kрим е неодвоив дел на Украина каде што важат и Уставот и законите на државата. Прогласувањето на референдумот е спротивно на членот 73 од Уставот, како и на двата члена од Уставот на Kрим. Организирање таков референдум и какви било резултати од него е во спротивност со Уставот и законодавството и резултатите ќе бидат нелегитимни.
Дали новите власти во Kиев имаат инструменти и моќ да ја спречат сецесијата на Kрим?
- Тоа прашање не е едноставно. Сите неопходни законодавни чекори се направени, но не заборавајте дека овој проблем се претвори во европски проблем со широки размери, кои можат да доведат до воен конфликт, а тоа не е во интерес на која било држава во светот.
Русија кажа дека нема да преговара со сегашните власти. Дали Вие во Скопје контактирате со рускиот амбасадор?
- Со амбасадорот се среќаваме на приемите. Русите ја вршат својата професионална задача, а јас не само професионалната туку и обврската на човек и на патриот кој ја заштитува својата татковина.
Дали овој конфликт, ова недоразбирање меѓу Истокот и Западот, за Украина може да се реши дипломатски?
- Kон ова прашање треба да се гледа подлабоко. Навистина, Украина се наоѓа помеѓу Русија и Европската Унија. Од геополитичка точка на гледиште таа е стратегиска и голема земја од чија безбедност зависи и безбедноста на регионот, Често зборуваат за исток и запад на Украина и за разликите што постојат меѓу тие два дела. Разлики навистина има, и ментални и јазични, и токму на тие јазични проблеми се појавија илузиите на Русија дека таа може да го заштити населението што зборува руски јазик наводно од националистите што живеат на запад, кои божем сакаат да им го земат правото да зборуваат на руски јазик. Во Украина живеат повеќе од осум милиони Руси и уште многу Украинци што зборуваат руски јазик, на кои тој им е мајчин јазик. Можете да претпоставите што може да се случи. Можеме да бидеме самоубијци?! Но, ситуацијата е поинаква. Денешните настани покажаа дека народот е единствен и се случува консолидација, иако руската страна ја подбуцнува таа меѓунационална омраза. Самото руско присуство на Kрим е фактор на притисок, на чие дејствување многу вложува руското раководство.
Сакам уште еднаш да истакнам дека во Украина нема фашистичка власт. На „Мајдан“ стоеше народот, и демократи и националисти, и леви и десни, и либерали. Нив ги обедини тоа што не може да го прифатат режимот на некогашниот претседател Јанукович. Немаше вооружен удар, се состави ново парламентарно мнозинство, а новата влада ја утврди парламентот.
Можно ли е сценариото, по сите овие случувања, Западот да биде најголемиот пријател на Украина, а Русите најголемиот непријател?
- Не би сакале Русија да ја имаме како најголем непријател зашто имаме многувековни врски и таа е најголем извозен пазар на Украина, а и Русија извезува многу, пред с`, гасот и нафтата. Но Украина го усогласи курсот кон европската интеграција и можно е наскоро да се потпише Спогодбата за асоцијација. Нашата европската интеграција не пречи на курсот на односите со Русија. Нам, пред с`, ни се потребни демократски стандарди, обнова на производството и нови технологии. Доколку Русија смета дека доаѓа некого да ослободува, таа ќе посее ветер, а ќе пожнее бура, а односот кон Русија нема да се подобри.
KОЛКУ ПАРИ ИМА НА ЗАМРЗНАТИТЕ СМЕТКИ?
Се чини дека клучот во оваа криза е хуманитарната катастрофа, односно Москва интервенира откако 700.000 украински граѓани побарале спас во Русија. Дали овие податоци се точни?
- Според состојбата на 3 март 2014 година, од територијата на Украина излегле 122.146 лица, а влегле 121.647 лица. Тоа е вообичаен режим, па дури во таа седмица е намален бројот на преминување на границата.
Осумнаесет високи украински поранешни функционери, како и Јанукович, се ставени под мраз, а замрзнати се и нивните сметки. Се знае ли колку милијарди лежат на тие банкарски сметки?
- Треба прво да се проверат сметките, но според претходните податоци некогашната власт беше богата. Се работи за стотици милијарди долари.
Дали тоа значи дека нема да ви требаат парите на ММФ?
- Излегува така, но парите треба да се најдат. Најголем инвеститор на Украина беше Kипар, офшор-зоната.
Христо Ивановски