Народот победи, ова е голема и праведна победа на украинскиот народ, изјави денеска Јуриј Гончарук, украинскиот амбасадор во Македонија по последните настани во неговата земја.
„Украинците за ова платија многу голема цена. Многумина сега посакуваат мојата татковина да ја видат поделена. Се зборува за некакво отцепување на Крим. Тоа нема да се случи. Украина е една територијална целост. Сега на дневен ред е обновата на државата, воспоставување на редот и мирот, заштита на човековите права и борбата против корупцијата“, изјави Гончарук на денешната конференција за печатот.
Прашан за известувањето во македонските медиуми за украинските настани, амбасадорот забележа дека некои медиуми во Македонија не известувале професионално за тоа што се случувало на плоштадот Мајдан во Киев. Тој ова го оправда со неможноста на редакциите да испратат свои известувачи во Украина, но не ја оправда употребата на квалификациите за демонстрантите како радикали, националисти, екстремисти, антисемитисти, русисти, криминалци...
„На Мајдан беа Украинците, и тоа не само од Киев, туку од целата земја. Тие луѓе не се никакви радикали, екстремисти или националисти. Во Киев се зборува и руски. Народот во Киев не правеше разлика кој на каков јазик зборува. Сите заедно се изборија за тоа што го имаат денес“, вели Гончарук кој додаде дека сака неговата земја да ја види во ЕУ.
„Вие Македонците најдобро знаете колку е тежок тој пат, дека тоа не е ни малку лесно. Но, Украинците го избраа тој пат. Нашиот светски познат боксер Виталиј Кличко имаше голема улога во сето ова, но тој докажа дека не е само добар во боксот, туку е способен и за многу поголеми нешта. Според последните најави од Киев, Тимошенко не планира да се кандидира за претседател или премиер на Украина, но таа е останува да биде влијателна личност во нашата држава“, рече тој.
За можното влијание од странство во последните настани во Украина, амбасадорот Гончарук рече дека со пари не може да се натера некој да оди пред вооружените полицајци, со пари може да организира протест, митинг, да се распали една група, но народот не може да се крене за пари.
Украинскиот амбасадор изјави дека новата власт има голема поддршка од западните земји и од САД.
Утре од 10 до 12 часот и од 13 до 16 часот во Амбасадата на Украина во Скопје ќе биде отворена книга на жалост за македонските граѓани да можат да им оддадат последна почит на приближно осумдесетина загинати во судирите помеѓу демонстрантите и полицијата во Украина.