Амбасадорот на Украина во Македонија, Јуриј Гончарук, во интервју за „Република“ зборува за противречностите во украинското општество и за политичките и за безбедносните предизвици на неговата земја. Во однос на позицијата на Украина на глобалната геополитичка мапа, Гончарук тврди дека неговата земја не го напуштила статусот „неутрална земја“, но и предупредува дека однесувањето на Русија сѐ повеќе ја турка кон НАТО. Во исто време, амбасадорот ги критикував нерешителноста и недоследноста на Западот да ја спечи агресијата на Москва.
Речиси една година во источниот дел на Украина се води братоубиствена војна. Украинското општество е длабоко поделено. Источна Украина е наклонета кон Русија, западна Украина кон Западна Европа. Има ли политичар во Украина кој може да го обедини народот и да го спречи крвопролевањето?
Постои впечаток дека Украина се состои само од два дела - западен и источен. Тогаш се поставува прашање: каде е границата меѓу нив и каква Украина ја има повеќе - западната или источната. Оваа е поедноставен пристап кон разбирање на реалната ситуација која постојано им се наметнува на украинското општество и светската јавност со одредена и јасна цел. Со истата цел како и проект "Новорусија", кој е роден во Кремљ, митот за прогон на населението што зборува руски во Украина и слично, да се вреже во свеста фактот дека не може да постои единствена Украина и да се заврши делото со практични дејства. Сега светот е сведок на таквата ситуација. Во контекстот на она што се случува, смешно би било да се негира постоењето противречности во украинското општество. Тие постоеле и постојат. Тоа е вина на целото претходно раководство, но и општеството во целост, без оглед на тоа кој кому му бил наклонет поради тоа што „пловеа по течинието„. Покрај тоа, одредени политички сили намерно ја влошуваа ситуацијата. Ова вешто го искористија надворешните сили, непријателски настроени кон за украинската независност, кои, исто така, не седеа со скрстени раце. Со векови се дискутира за улогата на личноста во историјата. Значи, доколку е точно тврдењето дека историјата е процес што создава врска меѓу минатото, сегашноста и иднината, во тој случај таков политичар, кој ќе може да го прекине крвопролевањето, мора да стане самото општество, неговото единство, бидејќи без сплотеноста на општеството ниту еден политичар нема шанси за успех.
Русија постојано потенцира дека не сака да војува со братскиот народ во Украина, но и дека нема да дозволи проширување на НАТО кон нејзините граници. Сметате ли дека е можно Москва некогаш мирно да прифати НАТО тенкови на нејзината граница?
Ако на границата стојат тенкови, тоа значи дека тие се подготвуваат да ја преминат. Руските тенкови на нашата граница се од март минатата година и тие веќе ја преминаа. Русија има заедничка граница со четири земји на НАТО. И таа не ги нарекува "братски"...
Зошто свртувањето кон НАТО е подобар избор за Украина од задржувањето на статусот „неутрална земја“? Зошто Украина пресмета дека е подобро за неа да ја наруши рамнотежата на сили?
Неутралноста не е само сопствена желба на една држава, тоа се и одредени обврски и услови под кои таа може да се случи. Например, отсутство на странски воени бази на територијата на неутралната земја. Во нашиот случај, присуство на Руската црноморска флота во Крим. Нема потреба да објаснувам како се сврти за нас таквото присуство во март 2014.
Неутралноста, тоа се и меѓународните правни гаранции. И тука Украина има "искуство." Вие добро го знаете Будимпештанскиот меморандум од 5 декември 1994 година, според кој Украина во замена за доброволно откажување од нуклеарно оружје доби гаранција за суверенитет и безбедност од нуклеарните држави.
Посебно Русија, Велика Британија и САД ги потврдија своите "обврски за воздржување од закана со сила или нејзината употреба против територијалниот интегритет или политичката независност на Украина, како и тоа дека никакво нивно оружје никогаш нема да се користи против Украина, освен со цел за самоодбрана или на друг начин, во согласност со Уставот на Обединетите нации ".
Русија се откажа од својот потпис, можеби со "цел на самоодбрана". Рамнотежата на силите не ја нарушуваме ние. Таа веќе е прекршена од страна на Русија. Прашањето на приклучување на Украина кон НАТО е хипотетичко, дејствата на Руската Федерација се практични. Со своите дејства РФ и самата придонесува за нашиот влез во алијансата: во украинското општество сега доминира мислење дека членството во НАТО би не спасило од руската агресија. Обичните граѓани не се оптоваруваат со проблеми на рамнотежа на силите во време кога кај нас дојде опасен непријател.
Европскиот парламент неодамна одобри земјите-членки да ја снабдуваат Украина со оружје. Сметате ли дека тоа ќе помогне во смирувањето на конфликтот?
Тоа што вие го нарекувате „конфликт“, всушност е агресија на Русија. Во ограничен обем, во Донбас, но, сепак, е агресија. И мора да ѝ се спротивставиме. И, како што знаете, само достоен отпор може да го запре агресорот. За тоа може да помогне современо и високопрецизно оружје, од кое ние імаме голем не достиг бидејќи Украина никогаш не се подготвувала за војна како таква, за разлика од нашиот источен сосед. Покрај тоа, украинската војска доследно ја уништуваа за време на претходниот претседател. Покрај тоа, снабдувањето со оружје е, исто така, е морен психолошки сигнал од страна на Западот за Русија, дека веќе не се плашат од неа. Не без причина, руски функціонери секој пат нервозно реагираат на информации во врска со можноста за снабдување со американско оружје, кое, според нив ното мислење, може да доведе до натамошна дестабилизација на постојната ситуација, т.е. руското оружје е стабилизирачки фактор, поради што обемот на неговиот прилив постојано се зголемува.
Некои умерени западни политичари сметаат дека најреалниот исход е да се најде статус за Крим, со кој и Украина и Русија ќе можат да живеат. Сметате ли дека е можно такво нешто?
Всушност, некои од, како што ги нарекувате, умерените западни политичари мошне сакаат Украина да се откаже од дел од својата територија, да се помири со анексијата на Крим заради нивно спокојство. Сакаат да останат на страна. Ова, исто така, се нарекува "смирување на агресорот" или ненаучени лекции од историјата. За таков случај постои една мудра руска поговорка: "Дај му прст – тој цела рака ќе ти ја откине." Развој на настаните од последната година е доказ за тоа - "умерените западните политичари" не ја запреа Русија во Крим, се случи и Донбас. Нема да ја запрат во Донбас – потоа "умерените западните политичари" веќе ќе зборуваат и за статусот на Донбас.
Дали Украина е, всушност, колатерална штета на големите сили во нивната битка за доминација со светот?
Русија во борба за доминација во светот - тоа звучи загрозувачки, но, всушност, е нереално. Дури и ограничените западни санкции ја покажаа ранливоста на нејзината економија. Со таквата економија не вреди ниту да се размислува за глобални димензии. Украина страда не поради тоа, што "големите сили" се борат за доминација во светот, а поради тоа дека Западот покажува нерешителност и недоследност во врска со агресивните дејства на Русија. Не сакам да обвинувам, но решителен демарш на Западот ќе спасеше илјадници животи во Украина и во Русија. Исто како и навременото отворање на Вториот фронт во Европа значително ќе ја приближеше победата над нацистичката Германија.
Од двете страни има обвинувања за учество на странски борци. Кој сѐ војува во Украина?
Зошто обвинувања? Ова е реален факт. Тешко е да се каже кои земји се претставени во борбите во Украина, но, очигледно, доминира едната од нив. Извинете, но јас повторно зборувам за Русија. За нејзините платеници. Тука се е ставено на солидна организациска основа. "Доброволци" се регрутираат преку воени комесаријати и разни фондови за ветерани. Во Русија, исто така, измислиле уште еден вид на "доброволност" како "војници на одмор", кои пристигнуваа во Украина со својата воена опрема. Секако дека постојат "романтичари", кои со сопствени сили стигнуваат во Украина. Неодамна во Екатеринбург се одржи презентација на униформа за платеници, произведена од страна на "Уралспецзаштита„. Како што се дозна, во новата униформа како "доброволци" во Донбас ќе одат "не случајни луѓе, а професионалци - ветерани на борбените дејства", а не некои си таму "романтичари". Единственото што го крие Русија е учеството на редовната војска, која за да биде "невидлива" војува без никакви обележја. Заедно, тие сочинуваат не помалку од две третини од терористичките сили.
Сметате ли дека судбината на вашата земја може да има импликации и во Македонија?
Ние живееме во заемно поврзан свет и мора да ја земаме предвид суровата реалност. Тоа што се случува сега во Украина веќе влијае врз ситуацијата во Европа во различни области: политичка, економска, хуманитарна и други. Никогаш не сум замислувал токму таков развој во односите со Русија. Здравиот разум и сега одбива да го прифати очигледното, така што треба да бидеме подготвени на сѐ. За можноста на таков развој повеќе од пред две години предупредуваше лично Владимир Путин. На 4 ноември 2012 година за време на приемот во Кремљ по повод Денот на националното единство, тој изјави "... во денешниот свет прашањето на одржливост на државата доаѓа во прв план„.
Меѓународната заедница веќе се увери дека ослабувањето, подкопувањето на националниот државен суверенитет може да создаде закана за општата безбедност и дека токму рамноправен дијалог меѓу суверени держави, врз основа на меѓународното право, останува клучен фактор за глобалната стабилност. Ако анексијата на Крим не е подкопување на суверенитетот на Украина, тогаш што е тоа? Ако "проектот Новорусија" не е ослабнување на суверенитетот на Украина, тогаш што е тоа? Ако настаните во Донбас со директна интервенција на Русија не претставува закана за суверенитетот на Украина, тогаш што е тоа?