1. Навршува една година од грозоморната руска агресија врз Украина и украинскиот народ. Како може да ја оцените оваа година на борба?
Искрено Ве поздравувам и Ви благодарам за поканата за интервју.
Како и секогаш, прашањето делумно го содржи одговорот. За Украина и Украинците ова е година на борба за правото целосно да живеат на нивната суверена територија.
Помина една година откако рф започна агресивна војна против Украина. руските трупи ја нападнаа Украина од север, исток и југ.
Украинската армија успеа да го запре офанзивниот притисок на руските окупаторски сили, да ги избрка од Кијивската, Чернигивската, Сумската и Харкивската област и да го ослободи Херсон.
Украинските војници ослободија 40% (четириесет проценти) од териториите окупирани по 24 (дваесет и четврти) февруари. Украинските бранители, всушност, направија и прават чудо. Тие се ненадминати во борбените способности за одбрана на својата земја.
Во моментов, активната линија на фронтот се протега на 1500 (илјада и петстотини) километри. Тежок период на борба е на бојното поле, со оглед на тоа дека руската армија, која преовладува квантитативно, е подмолна и сурова, води војна надвор од правилата на војување. Политичкото и военото раководство на рф исто така води војна со цивилното население на Украина.
Се извршуваат ракетни напади врз станбени згради, училишта и болници. Уништени се 50% (педесет проценти) од критичната инфраструктура.
Уништувањето на топлинските мрежи пред зимата и во зима беше една од главните задачи на кремљ, тиранијата ги бира најужасните форми на уништување.
Можам да кажам едно - годината на борба на Украинците, украинскиот отпор, грубо кажано, го сврте светот наопаку, поделикатно кажано - за многу луѓе тоа стана точка на преиспитување, преоценување на светските процеси и вредности во целост.
2. Брзо се покажа лажна надменоста на Путин и режимот кои велеа дека ова ќе биде војна што ќе ја добијат за неколку дена. Храброста на украинскиот народ како да не ја очекуваа агресорите. После година дена на исцрпувачка и скапа битка од каде се црпи енергијата и волјата да нема предавање?
Треба да се напомене дека Украина го помина трнливиот пат на борбата за Независност во 20 (дваесеттиот) век.
Незапирливата желба на Украинците да имаат своја држава и да ја бранат никаде не исчезна.
Сега за нас повторно продолжува ослободителната борба со оружје. Џелатот не се менува, се менува името на државата во која живее - руската империја, советскиот сојуз, руската федерација.
Украинците беа подложени на тешка репресија во минатиот век, беа убивани со гладомори, најстрашниот беше во триесеттите години, за кои кремљ до сега не сноси одговорност, што е една од причините за оваа војна против Украина.
Нашата генерација има/имаше баби и дедовци кои биле подложени на овие сурови репресии и на Гладоморот, кој релативно не е од толку одамна, тоа е сеќавање на семејството по една или две генерации.
Ослободителната борба на Украинците во 21 (дваесет и првиот) век започна во 2014 (две илјади и четиринаесеттата) година - протестот на Мајдан во Кијив, убивањето со стрелање на Небесните стотина.
Желбата за борење за сопствена држава е поттикната од желбата да се живее на својата исконска земја.
Живеат верата и одговорноста за децата, семејството, пријателите и луѓето со кои работиш.
Да се биде човек – тоа е извор на енергија.
3. Што е според Вас клучно да се знае за почетокот и мотивите на оваа агресија?
Агресијата е напад. Вооружениот напад од една држава врз друга е злосторство.
Вооружената агресија на рф против Украина започна во 2014 (две илјади и четиринаесеттата) година со привремената окупација на Кримскиот полуостров и одредени делови на Донецката и Луганската област.
На 21 (дваесет и први) февруари 2022 (две илјади дваесет и втора) година, русија ги призна како држави терористичките формации „Луганската Народна Република“ и „Донецката Народна Република“ создадени во одредени области на Донецката и Луганската област во Украина.
На 24 (дваесет и четврти) февруари 2022 (две илјади дваесет и втора) година, претседателот на рф го објави почетокот на таканаречената специјална воена операција.
Во четири часот наутро на 24 (дваесет и четврти) февруари, територијата на Украина веќе беше под ракетни напади. Руските трупи извршија инвазија од големи размери, вклучително од страна на Белорусија, руската федерација и привремено окупираниот Крим.
Воени злосторства, злосторства против човештвото, тортури русите вршеа уште од првите денови на војната.
Во кремљ со векови се негува отфрлање и неприфаќање на се што е украинско. Вреди да се споменат указите на владетелите на руската империја, кои целосно го забранија украинскиот јазик на територијата на Украина. Забраната беше сеопфатна: забрана за настава на украински јазик во училиштата, забрана за украинската литература, украинската црква, печатењето книги. Сите украински книги беа уништени, почнувајќи од Евангелието на украински јазик. Всушност, ништо не се смени во облиците на уништување - сега украинската литература, училишните учебници и библиотеките се уништуваат на привремено окупираните територии.
Јасно е зошто украинскиот јазик бил забранет во 19 (деветнаесеттиот) век - народот не може да се развива без свој јазик. Зачувувањето на украинскиот јазик е трнлив пат што Украинците го надминаа.
Стотици години, Украинците беа подложени на руско угнетување, репресија, гладомори, но продолжија да се борат за својата слобода.
Омразата кон Украинците е поттикната од различни руски наративи. На пример наративот дека „украинскиот народ не постои и никогаш не постоел“. Друг пример е наративот дека „територијата на која постоеше Кијивска Русј треба да ѝ припаѓа на рф“.
Доколу вие не го делите нивното мислење, ќе ви биде окупирана суверената територија, ќе го претворат во пепел Мариупол, ќе бидат истребени Буча, Ирпин, Макарив, за жал ова не завршува тука.
Односно, дали империјалната желба да се поседува туѓа суверена територија и народ може да биде мотив за започнување на војна – според русите одговорот е да, може.
Митологемата дека „оската на светот“ е „рускиот мир“, кој се прошири на сметка на освојување на суверени држави - е движечка сила на сите злосторства на рф.
4. Како војната влијаеше врз Европа?
Промени се случија низ целиот свет, не само во Европа. Последиците од војната на рф против Украина се забележуваат во сите сфери на човечкиот живот. Можеме да зборуваме за суштински промени во енергетската, финансиската и банкарската сфера, за активирање на одбранбените и миграциските процеси, како и за заканата за безбедноста на храната.
Ако зборуваме за главното – се намалува зависноста од увоз на руски гас, нафта и јаглен. Ова е, пред сè, со цел да се престане со хранење на воената машина на кремљ и ограничување на неговите империјални апетити за освојување на странски територии.
Веќе е извршена диверзификација на снабдувањето и забрзано е користењето на обновливите извори на енергија.
Војната на русија против Украина го обедини целиот цивилизиран свет, кој ја поддржува Украина. Европската Унија во јуни 2022 (две илјади дваесет и втората) година на Украина ѝ додели статус на кандидат за членство во ЕУ.
Агресивниот напад не се случи само врз Украина, туку во суштина и врз целата демократска Европа.
Европските држави го зголемуваат буџетот за одбрана. Шведска и Финска наскоро ќе станат членки на НАТО. Има и други држави кои ќе преминат од неутралност на превентивни мерки со цел да помогнат да се запре агресијата на државата терорист руската федерација.
5. Како ја цените помошта што Украина ја добива од Западот?
Помошта за Украина од земјите на ЕУ и НАТО е мултидимензионална. Се работи за финансиска, хуманитарна, воена, волонтерска, правна, информативна и медицинска помош. Таа е наменета за цивилното население, украинската армија.
Поради присилната миграција на Украинците во врска со инвазијата од големи размери на рф, државите од ЕУ им обезбедија привремена заштита на Украинците. Полска, Германија, Чешка, Италија, Шпанија, Франција и Велика Британија. Овие земји прифатија најголем број Украинци, обезбедувајќи им социјална заштита, здравствено осигурување и право на вработување. Поголемиот дел од работоспособните Украинци се вработени (ова се претежно жени), со оглед на тоа дека се високообразовани и квалификувани специјалисти. Очекуваме дека нашиот интелектуален потенцијал ќе се врати дома по победата на Украина.
Што се однесува до воената помош - според проценките на украинските војници, во моментов најпотребни се тенкови, противвоздушни ракетни системи, ракети со долг дострел, противтенковски ракети, борбени авиони.
Потребна е исто така и артилерија и авијација за ослободување на привремено окупираните територии на Украина. Помошта мора да пристигнува навреме за руските окупатори да ја напуштат територијата на суверена Украина и да не претставуваат закана за другите суверени држави.
6. Имате ли чувство дека можеше да се дејствува порано и поодлучно во спречување на намерите на Путин кои не се од вчера и за кои многумина аналитичари па дури и внатрешни борци против неговиот режим предупредуваа со години?
Многу соодветно забележавте дека намерите на претседателот на рф не се вчерашни и не се само негови. Неговите намери се поддржани пред се од државниот апарат на русија. Под намери на претседателот на рф, ја подразбираме неговата желба да ја уништи украинската држава и Украинците, кои со векови се борат за својата слобода.
Украина е мирна, мултиетничка и мултиконфесионална држава која никогаш не претставуваше воена закана за никого, вклучително и за руската федерација.
Најголемата закана за рф е тоа што Украина избра демократски пат на развој, европски вредности. Револуцијата на Достоинството во Украина јасно ги покажа цивилизациските разлики меѓу Украина и русија, уште тогаш цената беше висока - Небесните стотина беа застрелани.
Дали тие намери можеа да се спречат? - секогаш е тешко да се даде друга варијација на причинско-последичниот синџир на настани што се случија, но јас ќе одговорам вака: кога рускиот народ би избрал за себе демократски цивилизациски пат на развој со европски вредности, наместо тоталитарен, можеби тоа ќе ја спречеше русија да започне војна против Украина.
Што се однесува до Украина, таа повеќе не може да биде во сферата на влијание на рф. Премногу жртви и репресии, како и геноциди беа извршени врз Украинците.
7. Како ги цените односите со Северна Македонија? Правиме ли доволно во поддршката за Вашата земја?
Северна Македонија е држава со европски вредности, кандидат за членство во ЕУ и членка на НАТО, со која Украина има пријателски односи и ефикасна соработка во многу сфери од животот.
Во моментов, Северна Македонија претседава со ОБСЕ, а приоритет на нејзиното претседавање останува ситуацијата во Украина, војната. Министерот за надворешни работи Бујар Османи, како претседавач со ОБСЕ, ја започна својата прва посета со Украина. За време на оваа посета, се сретна со Претседателот на Украина Володимир Зеленски и нашиот Министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, како и со Претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук. Претседавањето со ОБСЕ за време на агресивната војна на рф против Украина не е едноставен процес, бидејќи ОБСЕ е меѓународна организација на консензусни одлуки, а нејзина членка е и државата терорист руската федерација.
Северна Македонија на Украина ѝ обезбедува финансиска, воена и хуманитарна помош. Оваа помош е многу важна. Главната работа е што оваа помош за време на годината војна беше многу навремена.
Имаше конкретни одлуки на Владата на Северна Македонија во однос на донациите и нивното ефективно спроведување.
Северна Македонија ѝ дава на Украина сè што може да ѝ обезбеди. Оваа помош е сеопфатна. Сакам да кажам дека Северна Македонија ги поддржува сите пакети санкции на ЕУ, а исто така е и коспонзор на сите резолуции на Генералното собрание на ОН посветени на Украина. Северна Македонија ја поддржува Украина во сите меѓународни организации.
8. Има разни шпекулации, па има ли простор за очекување на некакви мировни разговори со Москва да се случат?
Желбата на москва за мировни преговори е пропорционална со секојдневните воени злосторства и злосторства против човештвото кои руската армија ги извршува, како и со лансирањето на ракети и ирански дронови кои напаѓаат цивили и ја уништуваат критичната цивилна инфраструктура во Украина.
Руската воена машина прво мора да запре. За почеток, руските трупи мора да престанат да убиваат украинци.
Во ноември минатата година, Претседателот Володимир Зеленски ги објави условите за можни преговори со руската федерација. Имено се работи за: целосно повлекување на руските трупи од привремено окупираните територии на Украина; обновување на територијалниот интегритет на Украина; надомест на штетата; казнување на сите вклучени во воените злосторства извршени во Украина. Политичкото раководство на рф мора да одговара за одлуката да започне војна против Украина.
Формулата за мир предложена од Претседателот на Украина Володимир Зеленски мора да се имплементира.
9. Ниедна земја не смее да го наруши територијалниот суверенитет на друга и јасно е дека војната ќе заврши кога окупаторот ќе се повлече од вашата територија, но како дотаму? Кој е патот за да се сопре Путин?
Одговарајќи на ова прашање, можам да кажам дека сега тоа се бојното поле, оружјето, санкциите против рф, понатамошната изолација на рф, вклучително и исклучувањето од членство во меѓународни организации. Учесниците на последната Минхенска безбедносна конференција дискутираа за средствата за запирање на агресорот. Една од главните пораки на Минхенската конференција е следнава - Западот нема да се измори да ја поддржува Украина и ќе биде со Украина онолку, колку што е потребно. Воената помош само ќе се зголемува. Санкциите против руската федерација ќе се зајакнат. Изолацијата на русија ќе се зголемува.
На Украина исто така ѝ требаат сигурни безбедносни гаранции. Една од тие гаранции е членството на Украина во НАТО.
10. Што мислите за идејата дека не треба да се става целиот руски народ во иста корпа и дека борците против Путин од внатре (експерти, аналитичари, новинари, бизнисмени, уметници…)треба да бидат повеќе поддржани за крајот на неговиот режим да дојде одвнатре?
Вашето прашање, според мене, веќе се однесува на судбината на самата русија, дали таа може да се демократизира и да излезе од мочуриштето на царските окови на умот, по нејзиниот пораз. Оваа категорија на луѓе за која зборувате во руската федерација е катастрофално недоволна, таа не е доминантна и тие сеуште нема да преземат никакви активности за рушење на режимот. Мнозинството руси, според анкетите на самите руски агенции, ја поддржуваат војната на рф против Украина. Претпоставувам дека е така поради дезинформации и манипулативни процеси. Колку е поголема лагата, толку повеќе русите веруваат во неа.
Можеби оние кои не ја поддржуваат војната на рф против Украина, во иднина ќе развијат демократска, а не авторитарна русија. Украинците ќе победат благодарение на нивната сила на волја и дух и воената поддршка на земјите од Европската Унија и НАТО.