Националната комисија на Украина за УНЕСКО најостро го осудува уште еден руски напад, при кој беше оштетена територијата на Кијево-Печерската лавра – објект на светското наследство на УНЕСКО, културен објект кој се наоѓа под засилена заштита согласно Хашката конвенција од 1954 година за заштита на културните добра во случај на вооружен конфликт и нејзиниот Втор протокол од 1999 година, светиња на Украина и непроценлив дел од културното наследство на човештвото.
Исто така, најостро ги осудуваме нападите во Кијив врз Националниот културно-уметнички и музејски комплекс „Мистецки арсенал“(Уметнички арсенал), Националната палата на уметностите „Украина“ и Кијивскиот национален универзитет за театар, филм и телевизија именуван по Иван Карпенко-Кари; врз Домот на органска и камерна музика во Днипро и врз Харкивскиот уметнички музеј.
Згрозени сме од гранатирањето на Националното филмско студио именувано по Довженко, при што е уништена најстарата колекција на костими во Украина.
Русија уште еднаш демонстрира целосно непочитување на човечкиот живот, меѓународното право и вредностите што го обединуваат цивилизираниот свет.
Уништувајќи го украинското културно наследство, агресорот се обидува да ја избрише историската меморија и нанесува удар врз наследството на целото човештво.
Ја повикуваме меѓународната заедница да престане да ги толерира овие злосторства, да го засили политичкиот, економскиот и правниот притисок врз државата-агресор и да преземе решителни мерки за што поскоро запирање на руската агресија.
Бараме остра и јасна реакција од раководството на Секретаријатот на УНЕСКО, користење на инструментите на Извршниот одбор на УНЕСКО, Комитетот за заштита на културните добра во случај на вооружен конфликт и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.
Очекуваме неодложна посета на експерти на УНЕСКО на нападнатите објекти на културното наследство за евидентирање на штетите и давање објективна и непристрасна оценка на последиците од уште едно цинично руско злосторство.
Неказнивоста раѓа нови злосторства. Државата-терорист мора да понесе одговорност. Русија е виновна за ужасни злосторства против културата и не треба да има право на глас во УНЕСКО.
Ги повикуваме сите држави да работат на спречување на учеството на Русија во клучните тела на УНЕСКО.