Почитуван градоначалниче Митко Јанчев,
Почитуван директоре на департманот на Лвивската областна државна администрација,
Почитувани раководители и претставници на македонските и украинските компании,
Најнапред сакам да му се заблагодарам на градоначалникот на прекрасниот град Кавадарци за можноста што ја создаде за одржување на оваа средба меѓу претставниците на украинските и македонските компании, која, се надевам, ќе придонесе за развојот на заемно корисните трговски врски.
B2B е формат посветен на развојот на економските врски и на експертското ниво на донесување одлуки.
Непосредното запознавање на македонските и украинските стручњаци и професионалци во својата област ќе овозможи склучување долгорочни договори кои ќе одговараат на ефикасна стратегија за маркетинг и продажба во рамките на B2B-соработката.
Втората работа на која би сакала да го насочам Вашето внимание е изборот на местото на денешната средба – Општина Кавадарци, а пред сè нејзиниот прв човек и домаќин на настанот, г. Митко Јанчев. Тоа не е случајно.
Пред неколку дена, не само во Украина, се потсетувавме на последиците од терористичките дејствија на руската армија, која пред три години ја разурна браната на Каховcката хидроелектрана, предизвикувајќи една од најголемите еколошки и хуманитарни катастрофи.
Тогаш особено акутна беше потребата итно да се обезбеди вода за пиење за населението во тој регион, кое страдаше од разорните последици на катастрофата.
Благодарение на навремената помош, на која многу брзо одговори почитуваниот Митко Јанчев, во зоната на катастрофата беа доставени сто и седумдесет тони вода за пиење.
Во зимата 2023 година, руската армија со ракетни и дронски напади разорно ја уништуваше енергетската инфраструктура. Кијив и околните населени места страдаа од недостиг на електрична енергија и греење, меѓу нив и градот Буча.
Благодарение на Митко Јанчев, во Буча беше доставен моќен генератор кој обезбеди топлина и електрична енергија за илјада жители на градот.
Во текот на 2024 и 2025 година, благодарение на г. Митко Јанчев и неговиот тим, украинските деца од подрачјата блиску до фронтот – Никополскиот реон и Сумската област – кои речиси секојдневно страдаат од ракетни и артилериски напади на руската армија, имаа можност барем накратко да се одморат во прекрасната македонска природа.
И оваа година децата од, за жал, сè уште фронтовскиот Никополски реон ќе имаат можност да се одморат од руската војна.
Знаејќи го сето ова, уште еднаш сакам да му изразам благодарност на градоначалникот на прекрасниот град Кавадарци, Митко Јанчев, за неговата доброта и искреното сочувство преточено во конкретни дела – да се напои жедниот, да се стопли оној што страда од студ и да се обезбеди мирно небо, макар и за кратко време.
Благодарни не сме само ние како тим на Амбасадата. Доброто не може да остане незабележано. Во август минатата година, Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го одликува почитуваниот Митко Јанчев со државното одликување на Украина – Орден „За заслуги“. Исклучително многу Ве цениме и го цениме Вашиот однос кон туѓата несреќа.
Исто така, би сакала да нагласам дека денес, покрај претставниците на украинскиот бизнис, присутни се и претставници на Лвивската областна државна администрација – господин Роман и госпоѓа Христина.
Лвив е прекрасен град во западниот дел на Украина – национален, културен, образовен и научен центар на Украина, во кој денес живеат до еден милион жители. Историскиот центар на Лвив е впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО, што не ги спречува русите да изведуваат ракетни и дронски удари врз него.
Лвивската област е една од најразвиените области во Украина во економска, туристичка, културна и научна смисла. Нејзината површина изнесува 22 илјади квадратни километри, а населението е приближно два милиона и петстотини илјади жители.
Особено ми е драго што денес ќе биде потпишан Меморандумот за соработка меѓу Лвивската областна државна администрација и Општина Кавадарци и што за време на потпишувањето онлајн ќе ни се приклучи г. Максим Козицки, Претседател на Лвивската областна државна (воена) администрација.
Ви благодарам на вниманието и ни посакувам пријатна комуникација и заемно корисни контракти.