Почитуван господине Јанчев,
Почитувани членови на украинската делегација,
Почитувани пријатели,
Денес започнуваме корисна и пријатна работа - збратимување помеѓу градовите Буча (од Украина) и Кавадарци (од Република Северна Македонија).
Градот Буча се наоѓа во близина на главниот град на Украина - Кијив. Од почетокот на март 2022 (две илјади дваесет и втора) година беше под окупација на армијата на руската федерација. Градот беше ослободен од страна на Вооружените Сили на Украина на 31 (триесет и први) март оваа година.
Градот Буча беше речиси уништен, овој град беше под руска окупација повеќе од 30 (триесет) дена. Заклучно со денес се знае за повеќе од 400 (четиристотини) загинати цивили во градот, потрагата и ексхумацијата се уште се во тек. Тешко е да се зборува за тоа, но по деокупацијата, во градот беа откриени места каде што русите го измачуваа цивилното население.
Градот кој во мирно време беше тивок доживеа масовни убиства на украинското цивилно население, придружени со киднапирања, мачења и силувања, вклучително и на деца.
Сите споменати злосторства ги извршија вооружените сили и другите формации на русија. Русија е држава-терорист која дрско ја дезинформира меѓународната заедница и во исто време убива деца и трудници со ирански дронови, ракети, артилериско гранатирање. Сите руски агресори кои извршија воени злосторства и злосторства против човештвото мора да бидат изведени пред лицето на правдата и казнети. Украина веќе се обрати до сите држави, вклучително и Северна Македонија, да го поддржат создавањето на Специјален Меѓународен Трибунал за истражување и изведување пред лицето на правдата за злосторството агресија.
Како и многу уништени и руинирани градови во Украина, Буча се обидува да оживее, да ја обнови уништената критична инфраструктура. Постои потреба од обновување на станбени згради за нов живот на Украинците кои ги преживеаја сите ужаси на крвавата руска воена машина. За да го оствариме ова, потребна ни е, меѓу другото, помош од странските партнери и пријатели.
Веќе имаме неколку заеднички проекти, во блиска иднина нашиот економски, културен, образовен и туристички живот ќе отвори нови можности за развој. Сигурна сум дека денешниот Договор ќе стане нова алка во нашата соработка и ќе организираме уште многу заеднички проекти за нашите градови, за заемно духовно збогатување.
Би сакала искрено да ѝ се заблагодарам на Северна Македонија, вклучително и на градот Кавадарци, на градоначалникот на Кавадарци, господин Митко Јанчев, за исклучително важната помош за Украина. На почетокот на руската војна против Украина, градот Кавадарци веќе додели 600.000 (шестотини илјади) денари помош за Украина.
За нас ова е значајна помош, која конкретно дојде до жителите на Украина во форма на храна, лекови, основни производи.
Ви благодарам што, и покрај тоа што сте оддалечени илјадници километри од борбената линија, жителите на кавадарската заедница остануваат со отворено срце за оние на кои им е потребна поддршка.
Ви благодарам за вниманието и постојаната поддршка!