За меѓународните напори за враќање на незаконски депортираните Украински деца од страна на Русија
Пишува: Амб. Лариса Дир
Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија
Во декември 2025 година, Генералното Собрание на ООН ја усвои резолуцијата „Враќање на украинските деца“, иницирана од Украина заедно со Канада и Европската Унија, чии коавтори тогаш станаа 48 држави-членки на ООН (вклучително и Република Северна Македонија). Резолуцијата беше поддржана од 91 држава, што претставува доказ дека меѓународната заедница ја осудува практиката на РФ, која вклучува незаконско одведување деца, промена на нивниот статус и лични податоци, посвојување од руски семејства, како и програми за идеолошко влијание и милитаризација.
Генералното Собрание на ООН упати барање до РФ веднаш, безбедно и безусловно да ги врати сите украински деца, како и да престане со какви било практики на депортација, присилно преместување, разделување од родители или старатели, промена на лични податоци, незаконско посвојување и идеолошка обработка.
Наместо тоа, државата-агресор РФ продолжува да го прекршува меѓународното хуманитарно право, киднапирајќи и задржувајќи украински деца.
На 11 мај 2026 година, во Брисел, Европската Унија, Украина и Канада заеднички одржаа состанок на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, чија главна цел е враќањето на украинските деца дома.
Во своето обраќање, Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибига, изјави дека враќањето на украинските деца мора да биде неразделен дел од мировниот процес. Украинскиот Министер нагласи дека судбината на украинските деца никогаш нема да стане предмет на какви било компромиси, а исто така потсети дека Русија веќе предлагала децата да бидат вклучувани во списоците за размена – што е неприфатливо, бидејќи слободата на децата е безусловна.
Еден од важните инструменти на притисок врз киднаперите на украинските деца треба да стане воведувањето забрана за влез на територијата на земјите-членки на ЕУ за државјани на Русија, вклучени во депортацијата, индоктринацијата и незаконското посвојување на киднапираните украински деца – со што и се обрати Министерот Андриј Сибига до Европската Унија.
Состанокот на Меѓународната коалиција стана важна платформа за консолидирање на меѓународните напори и вклучување на државите-партнери. Република Северна Македонија е членка на оваа Меѓународна коалиција, а Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Т. Муцунски, за време на состанокот на Коалицијата, меѓу другото, истакна дека враќањето на децата не е само хуманитарно прашање, туку и морална обврска, и дека тоа е неопходен предуслов за каков било праведен и траен мир.
Исто така, сакам да го привлечам вниманието кон Извештајот на Независната Меѓународна Комисија за истражување на состојбата во Украина, објавен на 9 март 2026 година, кој подоцна беше поднесен до Советот за човекови права. Во овој Извештај, Независната Меѓународна Комисија ги претстави своите најнови заклучоци во врска со злосторствата и прекршувањата извршени за време на целосната инвазија на Руската Федерација врз Украина. Според случаите истражувани од Комисијата, „80 проценти од децата сè уште не се вратени. Оние на кои им успеало да организираат враќање се соочиле со пречки, одложувања и безбедносни ризици. Многу родители и законски старатели сè уште не знаат за судбината и местоположбата на децата и сè уште ги бараат. Децата страдале од трауми и анксиозност“.
Независната Меѓународна Комисија во својот Извештај наведе дека повеќето од истражуваните депортации и преместувања на украински деца не биле привремени, како што тоа го бара законот во случај на евакуација. Напротив, руските власти на највисоко ниво ги координирале дејствијата за олеснување на долгорочното сместување на децата во Руската Федерација. На почетокот, руските власти ги преместиле децата во привремени транзитни центри во Руската Федерација или на привремено окупираните од Русија територии на Украина. Потоа, тие постепено ги депортирале украинските деца или префрлиле поголем дел од нив на различни локации во 21 регион на Руската Федерација, каде што биле сместувани на неопределен рок во семејства или институции. На децата им било доделувано руско државјанство, а нивните профили се појавувале во бази на податоци за посвојување или старателство.
Наведената Комисија нагласи дека руските власти не побарале согласност од родителите, законските старатели или украинските власти, како што тоа го бара законот. На тој начин, одведувањето на децата од Украина не може да се квалификува како „евакуација“ во смисла на меѓународното хуманитарно право. Комисијата го потврди својот претходен заклучок дека „незаконските депортации и преместувања на деца од Украина од страна на руските власти претставуваат воено злосторство.“
Посебно злосторство претставува руската политика на милитаризација на украинските деца на привремено окупираните територии, кои Русија сè поактивно ги вклучува во своите воени структури и пропагандни програми. Исто така, се евидентирани случаи на прогон и приведување на украински тинејџери на окупираните територии и во РФ, особено под обвиненија за соработка со украинската страна.
Конкретно, евидентиран е случај на осудување од страна на рускиот окупациски режим на тројца украински малолетници под обвинение за соработка со украинските специјални служби. По нивното полнолетство, руските власти прибегнале кон уцени, принудувајќи ги да потпишат договори со вооружените сили на рф, фактички согласувајќи се на лично учество во војната против сопствената Татковина, нудејќи им притоа поништување на судските пресуди со реални затворски казни.
Според достапните податоци, под контрола на Русија сè уште се наоѓаат приближно 1,6 милиони украински деца, а бројот на документирани случаи на нивна незаконска депортација и присилно преместување изнесува повеќе од 20 570 случаи. Украина и партнерите веќе успеаја да вратат 2133 украински деца – така, во април 2026 година дома се вратија 63 деца.
Украинските деца се најранливите жртви на руската агресија. Од почетокот на целосната инвазија, Русија уби 697 украински деца, уште 2 450 деца беа ранети, а евидентирани се и случаи на сексуално насилство врз малолетници.
Токму затоа меѓународната поддршка и притисокот врз РФ се критично важни.
Многу важна е улогата на државите, меѓународните организации и Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, кои работат за секое украинско дете да може да се врати дома, да помине рехабилитација и да се интегрира во безбедна средина. Важно е целосното спроведување на резолуцијата на Генералното Собрание на ООН „Враќање на украинските деца“, усвоена во декември 2025 година. Тоа не е само хуманитарна обврска – тоа е прашање на правда, одговорност и почитување на основните принципи на меѓународното право.