Почитуван г-дине Директор на Директоратот при Министерството за надворешни работи, Јасмин Кахил,
Почитуван г-дине Почесен конзул на Украина, Сашо Наумоски,
Почитуван г-дине Градоначалник на Прилеп, Борче Јовчески,
Почитувани почесни конзули,
Почитувана украинска заедница,
Почитувани гости,
Денес, на 17 февруари се собравме на оваа адреса по повод отворање на Почесниот Конзулат на Украина во Република Северна Македонија.
И би сакала да ве запознаам со г-дин Сашо Наумоски, кому му беше доделена честа да биде именуван за Почесен Конзул на Украина во Прилеп.
А ние имаме чест што токму таков човек ќе ја посвети својата енергија и знаење на извршување на функциите на Почесниот Конзул на Украина, исто така имајќи го предвид фактот дека од моментот на инвазијата од големи размери на рф во Украина, г-дин Сашо уште од првите денови ѝ помага на Украина.
За време на војната на русија против Украина, заштитата на интересите на Украина, граѓаните на Украина и нејзините правни лица во земјата домаќин во границите дозволени со меѓународното право не е лесна задача.
Вие ќе го претставувате украинскиот народ, кој веќе триста педесет и деветти ден се бори за своето право на живот, територијална независност и правото да остане суверена држава во нејзините меѓународно признати граници.
Секој Ваш чекор ќе биде вреден за војниците кои речиси секоја минута ги одбиваат нападите на руските војници, зомбирани од господарите на кремљ и нивните пропагандисти.
Секоја Ваша помош ќе им го олесни животот на Украинците кои херојски научија да живеат со воздушни аларми, недостаток на струја, вода и греење, поради уништувањето на критичната цивилна инфраструктура на Украина од страна на руски крстосувачки ракети и ирански дронови.
Вие ќе ја претставувате Украина, која на бојното поле ги штити животите на своите граѓани, својата суверена територија и европските вредности во целост; Украина, на која ѝ помага целиот прогресивен демократски свет.
Сега се отвораат нови опции за одбрана. Украина очекува испорака со проектили со долг дострел, тенкови и борбени авиони од партнерите.
Моралот и храброста на Украинците мора да се зајакнат и на овој начин, доколку руските непријателски сили не најдат здрав разум да ја повлечат руската армија од привремено окупираните територии на Украина, да ги вратат сите воени заробеници и депортирани Украинци, вклучително и нелегално посвоените украински деца.
Дали злото може да се неутрализира? – прашање – за сега работи оружјето, а потоа - Специјалниот трибунал за руските злосторници и нивните следбеници и употребата на механизам за компензација за колосалната штета предизвикана од воените злосторства на руската федерација на територијата на Украина.
Ова е фронт.
Има уште еден фронт - информативен, спортски, културен.
Пропагаторите на кремљ, ботови, склучувајќи договори со ѓаволот, продолжуваат да ја прилагодуваат историјата под својата империјална амбиција да освојуваат територии на туѓи држави и да убиваат луѓе.
Се употребува сè - невистини, искривување на фактите, негирање на очигледниот геноцид на Украинците, и сè е изразено со таква жестока хипертрофирана омраза што е тешко да се замисли дека пред тебе стои човек со здрав ум и разум.
Бранејќи го спортскиот фронт, не смееме да ги искривуваме олимписките принципи со можноста за учество на државата-терорист русија на Олимписките игри.
За време на годината на војната на рф против Украина, загинаа 228 украински спортисти и тренери. Жртвите не може да се покријат со бело знаме – нивната крв ќе го натопи знамето. руската федерација нема право на олимписки дух се додека нивната суштина е исполнета со жед за убиство и дух на омраза.
Истата судбина треба да ја доживеат и руските натпревари за песна. Не смее да им се дозволи на напаѓачите со пеење да ја покријат тортурата и суровите убиства на мирните граѓани во Украина.
Благодарни сме им на сите што им се спротивставуваат на манифестациите на отворената и прикриената руска интервенција.
Северна Македонија од почетокот на војната е заедно со Украина. Хуманитарната, воената и финансиската помош од Северна Македонија е сето тоа што помага да се запре рускиот терор и да се доближи мирот.
Токму затоа, господине Сашо, Вашата работа и извршување на функциите на Почесен конзул на Украина во Република Северна Македонија се толку важни.
Ние заедно ќе ги надминуваме манипулациите на кремљ и ќе шириме вистинити информации.
Исто така, за Вас на македонски јазик го преведовме и Указот на Претседателот на Украина за Почесни Конзули на Украина, кој заедно со Виенската конвенција за конзуларни односи ја сочинуваат правната основа за вршење на конзуларните функции од страна на Почесниот Конзул.
Указот, инаку, „слави“ годишнина. Тој беше потпишан од страна на Претседателот на Украина на 17 февруари; не го усогласувавме специјално отворањето на Почесниот Конзулат за овој датум...така испадна. Ќе го сметам за симболично добар знак.
Посакувам добро функционирање на Почесниот Конзулат на Украина во Прилеп за заштита на Украина и развој на украинско-македонските пријателски односи.
Искрено ви благодарам за вашето внимание!